Старата дама и младата кокета
Секоја на својата територија битисува, која како знае и умее.
Старата дама со благороднички шарм си го уредила домот и ужива во признанијата што со векови ја потврдуваат нејзината вредност. Повлечена и тивка, под својот плашт крие многу мистерии и тајни. Несебично му се нуди на секој минувач, а сепак останува неосвоена и неразјаснета. Таа е сечиј сон. Цврсто стои врз минатото и како што дрвото црпи живот од корените, Таа собира сили од сеќавањата и успешно се справува со новите кич работи. Со слух за убавото и вредното, подготвена е секому да му даде шанса.
Гордо седи на својот трон и благо и се насмевнува на својата млада соперничка.
Иако новооткриена, таа - младата кокета - привлече голем број приврзаници. Нудејќи површност, сјај и божемна слобода, успеа да исползи до својот престол. Смеејќи се гласно, прифаќајќи се што ветува добра забава, задоволство и пари, морничаво го стега својот трон.
Присутна е насекаде. На секоја луда забава, на секоја крвничка караница. Дели совети, материјална и работна поддршка. Нуди се што има, иако од скоро има, со цел да ги освои сите.
И успева во намерата.
И се додворуваат сите.
Го зборуваат нејзиниот јазик, се однесуваат како неа, ги прифаќаат нејзините правила на игра. Се караат и смируваат според нејзината заповед. Подготвени се да и ја исполнат секоја нејзина желба.
Нели е тажно што и на многумина од нас им влегла под кожа?
Нели е тажно што многумина го оставаат домот и трчаат во нејзините прегратки?
Нели е најтажно што не се наѕира крајот на ова лудило, туку напротив, како огнена стихија зафаќа и ништи се што ќе и се најде на патот?
Навистина тажно. Дури страшно.
Старата дама како да кренала раце од дуелот со својата млада соперничка. Можеби смета дека тоа и е под честа или нема веќе сили?
Моќта на кичот, вулгарноста и злото што ги нуди младата кокета се засилува.
Вака како што стојат работите, не е тешко да се насети дека младата кокета ќе извојува победа врз старата дама.
На крајот на краиштата, нели светот на младите останува?
Колку и да не го заслужуваат...
No comments:
Post a Comment