Friday, December 7, 2012

Од настапот за борба против сидата

На први декември, на градскиот плоштад во Гостивар, драмското студио Камелеон настапи со две драми - Иницијација (мултиетничка драма) и Катарза.
Невладината организација ИПГ од Гостивар организираше карван под мотото Знаењето дава можности, Поддршката резултати, со цел да даде свој придонес за борба против сидата.
Покрај многуте пејачи и музички групи, свој придонес за ова движење дадоа и членовите од драмското студио Камелеон кое работи со ученици од СЕОУ Гостивар од Гостивар.
Двете драми предизвикаа голем интерес кај граѓаните.











Членовите на драмското студио се од мешан етнички состав. Младите докажуваат дека знаат да другаруваат без оглед на националната припадност.
Велат една слика, илјада зборови. Следните слики се од другарувањето меѓу членовите. Тие уживаа, уживајте и вие










Wednesday, December 5, 2012

Уште слики од Катарза















Старата дама и младата кокета



Старата дама и младата кокета


Секоја на својата територија битисува, која како знае и умее. 
Старата дама со благороднички шарм си го уредила домот и ужива во признанијата што со векови ја потврдуваат нејзината вредност. Повлечена и тивка, под својот плашт крие многу мистерии и тајни. Несебично му се нуди на секој минувач, а сепак останува неосвоена и неразјаснета. Таа е сечиј сон. Цврсто стои врз минатото и како што дрвото црпи живот од корените, Таа собира сили од сеќавањата и успешно се справува со новите кич работи. Со слух за убавото и вредното, подготвена е секому да му даде шанса.
Гордо седи на својот трон и благо и се насмевнува на својата млада соперничка.

Иако новооткриена, таа - младата кокета - привлече голем број приврзаници. Нудејќи површност, сјај и божемна слобода, успеа да исползи до својот престол. Смеејќи се гласно, прифаќајќи се што ветува добра забава, задоволство и пари, морничаво го стега својот трон.
Присутна е насекаде. На секоја луда забава, на секоја крвничка караница. Дели совети, материјална и работна поддршка. Нуди се што има, иако од скоро има, со цел да ги освои сите.
И успева во намерата.
И се додворуваат сите.
Го зборуваат нејзиниот јазик, се однесуваат како неа, ги прифаќаат нејзините правила на игра. Се караат и смируваат според нејзината  заповед. Подготвени се да и ја исполнат секоја нејзина желба.
Нели е тажно што и на многумина од нас им влегла под кожа?
Нели е тажно што многумина го оставаат домот и трчаат во нејзините прегратки?
Нели е најтажно што не се наѕира крајот на ова лудило, туку напротив, како огнена стихија зафаќа и ништи се што ќе и се најде на патот?
Навистина тажно. Дури страшно.

Старата дама како да кренала раце од дуелот со својата млада соперничка. Можеби смета дека тоа и е под честа или нема веќе сили?
Моќта на кичот, вулгарноста и злото што ги нуди младата кокета се засилува.
Вака како што стојат работите, не е тешко да се насети дека младата кокета ќе извојува победа врз старата дама.
На крајот на краиштата, нели светот на младите останува?

Колку и да не го заслужуваат...

Морал, што беше тоа?!?



Морал, што беше тоа?!?


Трагајќи по што поголема удобност и што повеќе материјални средства, не подзаборавивме туку сосема изумивме на непишаните правила и норми кои не го одделуваат човекот од животните. Ретко кој ќе се замисли над своите постапки што ги направил заради остварување на некоја лична цел. Се раководиме некако слепо според мотото
Целта ги оправдува средствата
и си го врвиме нашиот бегрешен пат. Совеста ни е чиста, такво е времето и така треба да се однесува човек. Но, времето е исто. Луѓето се тие кои се менуваат.
Малку по малку губиме од нашата идеализирана човечност и чекор по чекор го будиме ѕверското во нас. Но зошто ѕверското?! Па и ѕверот се раководи според некои свои норми, убива за да преживее, уништува за да не биде уништен. А човекот?! Човекот убива од забава, уништува од здодевност. Со кое право се нарекуваме ѕверови?
За нас веќе нема ништо свето. Се може да се повреди и искористи. Се ни е дозволено. 
Морално ли е тоа?!
Морал, што беше тоа?!
Отворив речник и го побарав овој правлив збор врз кого израснала мувла. Таму стои moral, lat. (mos.2. moris - обичај) збир правила на одредено општество и општествена класа за содржината и начинот на меѓусебните односи на луѓето и човековите заедници. Исправност, чесност, доблест, етика. Полет, занес, спремност за вршење задачи.
Кој од нас може да се пофали како морално чист?!
Како Диоген, кој со свеќа среде бел ден барал човек, се обѕирнав околу себе. За жал, на секој од нас му недостасува по нешто за да биде наречен морален.
Барајќи идеал, наидов на недостиг од етичко расудување и чувства, дејствување без никакви обѕири, вид лудило со антисоцијални нагони. 
Moral insanity.
Зарем дотука стигнавме? Или можеби треба да прашам - Зарем таму се вративме?