Авторот на единствената официјална биографија за Габриел Гарсија Маркес, Жералд Мартин, ни раскажува за писателот, за книгата на која работеше дваесет години и за својот однос со славниот писател.
Како Маркес реагираше на книгата кога таа најпосле беше отпечатена?
Маркес вели дека во мојата книга има некои работи кои прилично го вознемириле, но тој сепак знае дека книгата е пишувана со добра намера. Веќе ми помагаше при нејзиното преведување на шпански, проверувајќи ја точноста на неговите цитати. Но патувајќи со неговата биографија низ земјите чија култура толку верно ја пренесе и силно ја обележа во своите дела, гледам дека реакциите насекаде се многу позитивни.
Што најмногу ве воодушеви кај Маркес?
Многу го сакав неговиот напор да остане нормален и човечен наспроти својата неверојатна слава. И фактот дека една таква срамежлива и плашлива личност може истовремено да биде и толку храбра, и често да се изложува на можноста за одбивање, неуспех и пропаст.
Зошто мислите дека токму Маркес стана единствениот општоприфатен писател од втората половина на 20 век?
Како прво, се појави во период кога дојде редот да се изрази т.н. „трет свет“ или „земјите во развој“, или „постколонијалниот свет“. Како второ, односот меѓу традиционалните вредности и модернизацијата во неговите дела е претставен многу јасно и оригинално. И најпосле, прилично лесната читливост на неговите дела, откако книжевноста од првата половина на 20 век беше обележана од сложеноста на модернизмот, сигурно привлекла широк круг читатели.
Што заклучивте за пријателството на Маркес со Кастро?
Не сметам дека неговите политички позиции се толку амбивалентни, колку што ги сметам за внимателно развиени за да може да живее во двојниот свет: оној кој истовремено бара некои социјалистички решенија, а мора да опстане во неправдата на несигурната латиноамериканска „демократија“. Се разбира, од падот на Берлинскиот ѕид во 1989 г. и Маркес мораше, како и сите, да ги промени своите политички стратегии. Но не мислам дека неговиот однос со Кастро е претерано услужлив и понизен, како што некои знаат така да го наречат. Кастро е џиновска фигура и голема личност, а Маркес во стварноста е нешто како негов помал брат. Ама не мислам дека се двоумел во искажувањето на своите мислења. Мислам дека Маркес оствари важен придонес во одбраната на Куба и срдечните односи меѓу латиноамериканските нации. А и во мирот во Колумбија изминативе 30 години.
Според вас, кои се најклучните мигови во животот на Маркес?
Мајката го напушта додека е бебе, смртта на неговиот дедо кога имал десет години, цивилното востание Боготазо 1948 г. кое ќе гоприсили да стане новинар, патувањето во Европа, вклучувајќи ја и Источна Европа кога имал 28 години, пишувањето на „Сто години самотија“ на 40-годишна возраст што го направи светска фигура, и добивањето Нобелова награда за книжевност во 1982 г., на 55 години, што го направи бесмртен.
Извор: globus.hr
Прилози поврзани со Маркес можете да прочитате и на следниве линкови:
20 години самотија со Маркес
Најубавиот давеник на светот
Најдобрите први реченици на романи објавени во 2005 година
No comments:
Post a Comment