Monday, December 26, 2016

Дополнителни информации за Маркес



Авторот на единствената официјална биографија за Габриел Гарсија Маркес, Жералд Мартин, ни раскажува за писателот, за книгата на која работеше дваесет години и за својот однос со славниот писател.
Како Маркес реагираше на книгата кога таа најпосле беше отпечатена?
Маркес вели дека во мојата книга има некои работи кои прилично го вознемириле, но тој сепак знае дека книгата е пишувана со добра намера. Веќе ми помагаше при нејзиното преведување на шпански, проверувајќи ја точноста на неговите цитати. Но патувајќи со неговата биографија низ земјите чија култура толку верно ја пренесе и силно ја обележа во своите дела, гледам дека реакциите насекаде се многу позитивни.
Што најмногу ве воодушеви кај Маркес?
Многу го сакав неговиот напор да остане нормален и човечен наспроти својата неверојатна слава. И фактот дека една таква срамежлива и плашлива личност може истовремено да биде и толку храбра, и често да се изложува на можноста за одбивање, неуспех и пропаст.
Зошто мислите дека токму Маркес стана единствениот општоприфатен писател од втората половина на 20 век?
Како прво, се појави во период кога дојде редот да се изрази т.н. „трет свет“ или „земјите во развој“, или „постколонијалниот свет“. Како второ, односот меѓу традиционалните вредности и модернизацијата во неговите дела е претставен многу јасно и оригинално. И најпосле, прилично лесната читливост на неговите дела, откако книжевноста од првата половина на 20 век беше обележана од сложеноста на модернизмот, сигурно привлекла широк круг читатели.
Што заклучивте за пријателството на Маркес со Кастро?
Не сметам дека неговите политички позиции се толку амбивалентни, колку што ги сметам за внимателно развиени за да може да живее во двојниот свет: оној кој истовремено бара некои социјалистички решенија, а мора да опстане во неправдата на несигурната латиноамериканска „демократија“. Се разбира, од падот на Берлинскиот ѕид во 1989 г. и Маркес мораше, како и сите, да ги промени своите политички стратегии. Но не мислам дека неговиот однос со Кастро е претерано услужлив и понизен, како што некои знаат така да го наречат. Кастро е џиновска фигура и голема личност, а Маркес во стварноста е нешто како негов помал брат. Ама не мислам дека се двоумел во искажувањето на своите мислења. Мислам дека Маркес оствари важен придонес во одбраната на Куба и срдечните односи меѓу латиноамериканските нации. А и во мирот во Колумбија изминативе 30 години.
Според вас, кои се најклучните мигови во животот на Маркес?
Мајката го напушта додека е бебе, смртта на неговиот дедо кога имал десет години, цивилното востание Боготазо 1948 г. кое ќе гоприсили да стане новинар, патувањето во Европа, вклучувајќи ја и Источна Европа кога имал 28 години, пишувањето на „Сто години самотија“ на 40-годишна возраст што го направи светска фигура, и добивањето Нобелова награда за книжевност во 1982 г., на 55 години, што го направи бесмртен.
Извор: globus.hr
Прилози поврзани со Маркес можете да прочитате и на следниве линкови:
20 години самотија со Маркес
Најубавиот давеник на светот
Најдобрите први реченици на романи објавени во 2005 година

Monday, November 28, 2016

Гавранот - во препев на Гане Тодоровски

Еднаш среде полноќ една, покрај стари книги седнат,
дури водев в соба бледна со тајната ука спор,
дури дремлив тонев в скука, зачув некој тропнеж тука,
зачув некој како чука на портата однадвор.
„Некој гостин” – реков, - чука однадвор!”
Тоа сал и ниту збор.

Ах, си спомнам, многу јасно: в декемвриска вечер касна,
жарта в пепелта што згасна го засени мојот взор.
Жедно утрото го пекав; од книгите штуро чекав
спас од болот што ме штрека, бол по еден редок збор,
збор Ленора, свидна мома, тој ангелски убав створ,
Таа вечна неизгор.

А завесата од свила, в пурпур сета што се слила,
грозен шун во себе скрила. На ужас се чиниш створ!
Па срцето дури бие, јас го молам да се свие:
„Некој гост е пти се крие пред портата однадвор –
доцен гост е што се крие пред портата однадвор” –
Тоа сал и ниту збор!

Веднаш срдито се вденав, мигум својот глас го кренав:
„Човек ли сте или жена, простете е мојот збор;
врз клепкиве дремка стежна, а пак вие в ноќва мрежна
тропнавте со усет нежна на вратата однадвор” –
тоа реков, порти ширум отворив и пратив взор –
Надвор мрак и ниту збор!

Длабоко во мракот страшен долго стоев втренчен, вџашен,
сонувајќи сон незнаен ни на еден смртен створ;
Спокој секаде се свлече, мирнотија в ноќта тече,
збор единствен што се рече беше тажен, шепнат збор,
збор, Ленора, што низ ехо се врати одговор.
Тоа сал и ниту збор.

В собата штом дојдов назад, сетив: морници ме лазат,
зачув некој како чука пак со удар тап и спор.
Па си реков: „дај, ќе идам до прозорецот, да видам,
треба сигурен да бидам таен ли е некој створ!-
Да се смирам сал за малку од тропнежот однадвор”-
Вон сал ветер развигор.

Панѕурите штом ги турнав, прекумене нешто јурна,
низ прозорецот се втурна Гарван горд до темен взор.
Ни да климне глава само, ни да запре в таа штама,
но со лик на лорд ил’ дама к’о што дојде однадвор,
врз бистата на Палада, над вратата, овој створ
претна, седна и ни збор!

И со таа птица света, што пред малку тука сета
одважна и строга сета, почнав чуден разговор:
„Бувка немаш да се реси, сепак плашлива ти не си,
грозно, страшно сениште си, Брегот ноќен ти е двор –
речи, какво име носиш в Плутоновиот ти хор?”
Тој сал гракна: „Nevermore!”

Станав плен на почудица, кога таа грда птица
ја чув како зборна в мракот сосем јасен одговор!
Никој смртен жив створ вака, среде глува ноќна мрака,
не чул птица да му грака и да му праќа огнен взор –
птица или друга лишка да му праќа огнен взор
со збор еден: „Nevermore!”

Гавранот, штом седна таму, еден збор тој гракна само
в душа божем тој збор може сам да начне разговор.
Друго појќе нид а каже, ни да пафне пердув влажен,
дур не сронив мрмор тажен: „Осамен сум долго створ.
И ти како мојта Надеж исчезнат ќе бидеш створ!”
Тој сал гракна: „Nevermore!”

Изненаден, мигнум трепнав, од одветот негов сепнат,
„Сомневање нема”, шепнав, „Се` е тоа празен збор”.
Од несреќен стопан сметен, кого пропаст го сплете
и го следи уште, ете, до песните преумор,
тажачките песни, припев на Надежта непрегор
од вечното: „Nevermore!”

Но Гавранот грак што срони, макар тажен, в смев ме гони,
па на столот седнав сонлив со втренчен во него взор;
Врз кадифе глава веднам, но ми тежи мисла една,
мисла тажна, мисла бледна: кој е овој зловест створ?
Овој кобен страшен хишник каков ли е судботвор
со своето: „Nevermore!”

В плен на такви мисли седев, птицата со глед ја следев,
без да речам ниту еден, дури ниту еден збор;
В плен на такви мисли вивнат, понабргу потем стивнав
и врз кадифе да здивнам, се отпуштив нем и спор,
врз кадифето кај Она нема веќе к’о жив створ
Пак да седне, „Nevermore!”

Одненадеж, ми се чини, мирис воздухот да прими
божем крилни серафими кадат тамјан беспрекор;
„Страдалнику”, реков тогај, „Ова дар ти е од бога;
по ангели тој ти прати мир и непент којто мати.
Испи го и тогај мора да ja заборавиш Ленора!”
грак се слушна: „Nevermore!”

„Пророку!”, му реков право, „птица ли си или ѓавол!
Сеедно е кој те пратил! Сотона ли, друг ли створ!
Полн со очај, смел ил’ злобен, дојден ваму в крајов кобен,
в дом кај што цари ужас гробен, дај ми искрен одговор:
речи, дали Гилеада има цер за тој што страда?”
Тој сал гракна: „Nevermore!”

„Пророку!”, му реков право, „птица ли си или ѓавол!
Те колнам во тој што в светот владее над секој створ„
Речи и` на мој’ва душа, која јадови ја гушат,
дали повторно ќе ја гушка Ленора со љубен вор?
Дали пак во далек Еден ќе прегрне свиден створ?”
Тој сал гракна: „Nevermore!”

Нека биде тој збор сега збор разделбен, а не шега,
птицо или враже, бегај в Плутоновиот ти двор!
Не оставај пердув траги, спомени од твојте лаги,
остави ме в мисли драги, престани со твојот збор!
Од срцево извади го клунот свој, тој клун на нор!
Грак се слушна: „Nevermore!”

А Гавранот ни да претне, ниту пак замиг да летне
oд бистата на Палада, туку како кобник створ
над вратата бдее, молчи, со поспани демон-очи,
И врз подот сенка дрочи, без да гракне ниту збор;
и врз таа сенка – темна, душава, знам, веќе нема,
да се крене. „Nevermore!”
—Едгар Алан По

Thursday, November 17, 2016

Едгар Алан По

Најпознатата поема на Едгар Алан По е "Гарванот". Ви ја приложувам поемата драматизирана на англиски јазик.

Wednesday, October 12, 2016

Ежен де Растињак - лик направен од општеството

При анализа на ликовите од романот "Чичко Горио", се сретнавме и со ликот на Ежен де Растињак, студентот по право кој од малограѓанска средина доаѓа во Париз со мислата "Јас ќе успеам".
Преку овој лик, согледуваме како се уништува еден морален и чесен млад човек под влијание на општеството. 
Погледнете ја метаморфозата на Растињак!

Wednesday, September 21, 2016

Тематски план за мај и јуни - македонски јазик и литература, трета година



Наставен предмет: Македонски јазик и литература
Година: III
Тема: Повоена македонска литература
За паралелките на македонски наставен јазик

Ред.бр.
Структура на темата
Време на реализација
1.
Појава, особености и главни претставници
19.05.2017
2.
Славко Јаневски – живот и дејност
22.05.2017
3.
Анализа на Улица од С. Јаневски
25.05.2017
4.
Стале Попов – живот и дејност
26.05.2017
5.
Анализа на Крпен живот од Стале Попов
29.05.2017
6.
Ѓорѓи Абаџиев – живот и дејност
01.05.2017
7.
Анализа на Пустина од Ѓ. Абаџиев
02.05.2017
8.
Утврдување на знаењата
05.06.2017
9.
Лектира А. Ками Недоразбирање
08.06.2017
10
Сведување на годишни оценки
09.06.2017

Ø Цели на темата:
-Да го збогати своето знаење за творештвото кое се одвивало по војната
- да ги запознае твоците од тој период
- да се запознае со општествено политичката ситуација во земјата во тој период

Ø Услови за работа:
-вежбанки,
-маркери,
-учебници и други соодветни книги,
-презентации и квизови.

Ø Корелација(внатрешна и надворешна):
-историја,
-јазик,
-литература, конкретно Парите се отепувачка од Ристо Крле.

Ø Средства и постапки за вреднување:
-писмено оценување,
-индивидулно,
-самооценување.

Ø Забелешки од реализација на темата:

Тематски план за април, македонски јазик и литература - трета година



Наставен предмет: Македонски јазик и литература
Година: III
Тема: Македонската литература кон крајот на 19 и почеток на 20 век
За паралелките на македонски наставен јазик

Ред.бр.
Структура на темата
Време на реализација
1.
Презентација, реклама и рекламирање, одлики на рекламата и видови реклама
06.04.2017
2.
Рекламирање на сопствен производ
07.04.2017
3.
Кочо Рацин – живот и дејност
10.04.2017
4.
Анализа на творештвото на Рацин
13.04.2017
5.
Венко Марковски – живот и дејност
14.04.2017
6.
Коле Неделковски – избор песни
17.04.2017
7.
Писатели Македонци кои пишувале на други јазици
20.04.2017
8.
Македонска поезија во текот на НОБ
21.04.2017
9.
Утврдување на знаењата
24.04.2017


27.04.2017


28.04.2017





Ø Цели на темата:
-Да го збогати своето знаење за творештвото кое се одвивало кон крајот на 19 и почеток на 20 век
- да ги запознае твоците од тој период
- да се запознае со општествено политичката ситуација во земјата во тој период

Ø Услови за работа:
-вежбанки,
-маркери,
-компјутер,
-видео реклами.

Ø Корелација(внатрешна и надворешна):
-мајчиниот јазик,
-стручните предмети,
-странски јазик.

Ø Средства и постапки за вреднување:
-писмено оценување,
-индивидулно,
-самооценување,
-креативност и инвентивност,
-работа во група.

Ø Забелешки од реализација на темата: