Tuesday, September 22, 2015

Едгар Алан По

,,Границата меѓу животот и смртта е бледа, кој може да каже каде завршува едното, а каде почнува другото,,

Кога ветрот се исповеда

Пссст...

...ветрот се исповеда -
Затвори ги очите и чувствувај
впиј го неговиот топол здив
                              и разбери:

Воздишка по воздишка
си создаде немир.
Собираше дружба и - стана виор.
Разниша ветки, расплете коси
и како крадец, тивко и вешто
ги протна долгите прсти во раскопчаната блуза...

ТАЛКАЊЕ

Бараш и трагаш
по искри, по желби и сништа.
Бараш конус или барем коцка,
трчаш, иташ, брзаш...
и наоѓаш топка.

Топка - круг - нула - ?


ТРАГИЧЕН ЛИК

Не секогаш убавото и доброто носат среќа. Тие, како по некој непишан закон, секогаш со себе го водат и злото. Постојано околу нив, како сенки демнат несреќата и плачот и кога ќе најдат погоден момент напаѓаат и уништуваат.
Во литературата, ликот убав и добар кој бидува измачуван и на крај уништен се нарекува ТРАГИЧЕН ЛИК.
Според Аристотел, за да биде еден лик трагичен треба да ги исполни следниве услови:
1. Натпросечен - во широка општествена смисла, по потекло, интелегенција, убавина и така натаму. Тоа е потребно за да биде сожалувањето поголемо.
2. Да биде доведен во ситуација на ХИБРИС (заслепеност од себе). Го надвладуваат различни чувства: гнев, раздразнетост, лудило...
3.  Кога јунакот, во состојба на ХИБРИС, поради АГНОЈА - недостиг на информации (за себе), незнаење (за себе), притемнетост на некои клучни факти (за себе), тој секогаш прави трагична грешка ХАМАРТИЈА.
4. Препознавање - со детаљ на препознавање.
5. Страдање - PATHOS.
Ова е идеална шема на трагичен лик и ретко кое дело ги исполнува сите услови.  

МРТВА ВОДА

Ми велат луѓето
- Вода си!
Им ВИКАМ
- Ќе ве изгорам!

Ме одминуваат...

Не ме слушнале,
сигурно премногу гласно сум викала,
па гласот мој
громовен татнеж им се сторил.

Веднам глава,
вода сум,
од солзи направена
од дождови напоена.

Огнот во очиве бил отсјај
туѓ,
далечен,
недофатен...


Вода сум,

МРТВА вода.


Monday, September 21, 2015

Писмото од А.П.Чехов до брат му



„Животот има свои услови. За да биде човек прифатен меѓу образованите луѓе, мора да биде културен“, порачува во едно писмо рускиот писател Антон Павлович Чехов на својот помлад брат, составувајќи список на услови кои ги исполнуваат културните луѓе: 
1. Тие ја почитуваат човековата личност и за тоа се секогаш љубезни, внимателни, учтиви и подготвени да прават за другите.
2. Сочувствителни се кон секого, не само кон питачите и мачките. Се грижат и за она што не се гледа, и се подготвени да се жртвуваат за да им помогнат на другите.
3. Ја почитуваат туѓата сопственост, и затоа ги враќаат своите долгови.
4. Искрени си и ја презираат лагата. Не лажат дури ниту кога се ситници во прашање. Лагата го навредува слушателот и го понижува во очите на соговорникот. Не позираат, се однесуваат исто и на улица и во својот дом, не се прават важни пред своите поскромни пријатели. Не се склони кон зборување безсмислици ниту ги оптоваруваат другите со своите со ништо предизвикани исповеди. Од почит кон туѓите уши повеќе молчат отколку што зборуваат.
5. Не се понижуваат себеси за да предизвикаат сожалување. Не играат на карта на туѓата чувствителност за да освојат внимание. Не велат „Мене никој не ме разбира“ или „На никого не му е грижа за мене“, затоа што тоа се евтини и вулгарни трикови.
6. Не страдаат од плитка суета. Не се грижат за лажните вредности, не им придаваат значење, познанствата со познати личности или за тоа самите да бидат познати. Ако направиле нешто значајно, не прават од тоа најважна работа на светот, и не се фалат со тоа дека имаат пристап таму каде што другите немаат. Навистина талентираните луѓе секогаш бегаат од рекламирање и од публика.
7. Ако имаат некој дар, го почитуваат. Поради него жртвуваат одмор, романси, забава, суета. Горди се на двојот дар, но и многу му се посветени.
8. Имаат развиено чувство за убаво, естетско. Не одат на спиење во облека, ја одржуваат чистотата на животниот простор. Многу водат сметка да ги контролираат своите нагони и во спротивниот пол не гледаат само сексуален објект. Се стремаат кон оригиналност, отменост, човечност, им се воодушевуваат на мајчинските чувства. Не се опиваат туку пијат алкохол само во посебни прилики, бидејќи сметаат дека не се свињи. Се држат до начелото mens sana in corpore sano – во здраво тело здрав дух.

Така изгледаат културните луѓе. За да биде човек културен не е доволно да чита популарни романи и да посетува театар. Тој мора постојано, деноноќно да работи на себе, да чита, учи, да се труди... и веднаш да ја отфрли суетата, бидејќи секој изгубен час се смета, го завршува своето писмо Чехов. 

Подготви: К. А.



Thursday, September 17, 2015

литературен конкурс

Почитувани,

Ве информираме дека Фондацијата Никола Кљусев  со поддршка од Министерството за култура на РМ по четвртитпат оваа година го спроведува проектот Творам за Македонија, во кој директни учесници се учениците од основните и средните училишта на РМ.
Со цел да се поттикне творештвото и креативноста кај младите, проектот вклучува пишани творби (проза или поезија) на зададена тема.
Оваа година темата е " МОЈAТA ИДНИНА  –  JА СОЗДАВАМ  ЈАС ".

Затоа, Ве молиме да ги информирате наставниците по македонски јазик да ги запознаат учениците со проектот и заклучно со 10 октомври  да ги испратат трите најдобри творби од Вашето училиште на нашата маил адреса: info@nikolakljusev.org.mk

Конкурсот има награден карактер, поточно, по добивањето на сите творби од пријавените училишта, комисија од реномирани автори ќе ги одбере најдобрите творби. Сите пристигнати творби ќе бидат објавени во посебна збирка, која ќе ја добијат сите училишта што учествувале на конкурсот.

Се надеваме на добар одзив од Вашето училиште.

За сите информации Ви стоиме на располагање секој работен ден од 9 до 15 часот.

Координатор на проектот
Силвана Јованчева
тел. 02 511 99 53;
ул. Македонија бб, Скопје
info@nikolakljusev.org.mk

Да ви помогнам со една мудра мисла која вели Изборот, а не судбината ќе ви го одредат животот.
Со среќа нека ви е!