Friday, March 15, 2013

Танц со ѕвездите

Во мугрите понеделнички, во 2.45 ч.си добив дијагноза дека не сум со сите. Значи навистина (ова значи го употребив зашто сите мои ученици започнуваат реченица со значи?!)
Дијагнозата си ја поставив самата затоа што само една мисла, едно прашање, навидум бесмислено, кое ми се роди и провртка низ главава успеа да ме стане од топлата постела и да ме натера босонога молскавично да ги запишувам мислите на маргините од еден стар весник.   Но, да почнеме со ред..
Ме разбуди силен ветер и дожд кој безмилосно удираше по прозорите. Станав и погледнав кон небото. Зјаев во бескраен црн простор...колку ќе беше убаво да беше ѕвездена ноќ - си помислив.
И...оттука почна се. Во главава почнаа да ми се испреплетуваат мисли, навидум неповрзани. Ѕвезди - на телевизија почна емисија насловена како Танц со ѕвездите - има ли во Македонија вистински ѕвезди? Што е ѕвезда? 
За да одговорам на последново прашање, направив споредба со вистинските ѕвезди на небото. И тука започна заплетот. Иако во моментов на небото не се гледа ниту една ѕвезда, тие се тука, ги има многу, знајни и незнајни, во групи и осамени...
Според тоа, ѕвезда не значи да си познат, туку да сјаеш.
Ако е тоа така, зошто само неколкумина го носат епитетот ѕвезда? И тоа најчесто оние кои не светат, ниту трепкаат.
Зошто да не биде ѕвезда една мајка која неуморно бдее над своите деца? Зар не свети нејзината дланка која ги брише солзите од уплаканите очи?
Или некој татко кој работи од утро до мрак (сега призвучев како Рацин, ама ако, нели ништо не почнува од нас туку некаде назад е почетокот за напред?). Не милуваат ли најмеко татковите раце полни со плускавци и рани, не е ли најмеко да се заспие врз неговото ковчесто рамо?
Или сопружниците кои си даваат поддршка еден на друг, во добро и зло, во здравје и болест...
А пријателите? Оние кои без да им кажеш го чувствуваат немирот во твоето срце и го смируваат со прегратка? Што се тие?
Што се децата кои палаво играат во дворот, извалкани, иститкани...Што се тие?
Несомнено најсветли ѕвезди, незнајни, но сепак ѕвезди.
Во Македонија, во светот има многу ѕвезди. На Земјата имаме ѕвездено небо исто како она на небото. Којзнае, можеби ѕвездите на небото се само блед одраз на ѕвездите на земјава.
Танцувајте со некоја ѕвезда до вас, уживајте во мигот, згрејте се на топлината, зашто во денешно време, ѕвездите брзо прегоруваат и паѓаат, токму како оние на небото...