Таа три дена чека одговор на писмото, пребледува и гори, но одговор нема. Тогаш Онегин доаѓа во нивната куќа, а таа од срам и страв бега во градината. Тој ја наоѓа и ѝ кажува дека е многу поласкан од нејзиното писмо, дека тоа поттикнало љубов кај него, дека кога би сакал да се жени, би ја одбрал неа, но тој не е подготвен на таков чекор. Објаснува дека тој не човек за брак и дека таа би била несреќна со него. На крајот ја теши дека таа ќе си најде друга љубов, подостојна од него. Татјана не му одговара ништо, само си ја наведнува главата од болка и тага.
По тој состанок љубовта кај Татјана не стивнува. Таа и понатаму тагува, молчи, не спие и свенува.
А, љубовта на Владимир кон Олга сè повеќе расте. Тој по цел ден е кај неа, ѝ пишува песни во нејзиниот споменар, а не може да се оддели од неа ни ноќе зашто и сонот и го посветува. А, таа, весела, жуборлива, не ги ни чита неговите песни, не ги сфаќа сериозно и лесно наоѓа и друга забава.
Времето минува, Онегин повлечен на својот имот станува како Чајлд Харолд, го обзема монотонијата и мрзливоста. Зимата, доаѓа Владимир и го посетува и поканува Евгениј кај Ларини на именденот на Татјана.
На прославата, Онегин ја забележува тагата на Татјана која го оптоварува и не му се допаѓа.
Прославата продолжува, гостите јадат и пијат, се развеселуваат. Кога започнуваат валцерите, тој го дочекува часот на одмаздата. (Сака да си поигра, да го нервира и да му се одмазди на Ленски зашто го повикал на забавата на која тој треба да ја трпи тагата на Татјана.) Ја повикува Олга да игра со него и со неа ја поминува целата вечер. Од срам и од љубомора Ленски го предизвикува Онегин на двобој.
Пред двобојот, во лутина, Ленски посакува да не ја види повеќе Олга, но таа се појавува пред него весела и безгрижна како и секогаш, прашувајќи го каде се загубил тој на прославата. Тоа малку го расколебува за извршувањето на двобојот, бидејќи повторно се чувствувал сакан. Но, омразата кон Онегин и потребата да ја заштити Олга од таков развратник и ласкател, ќе го одведе во смрт.
Во двобојот, по стапките на оддалечување, Евгениј пука и го погодува Ленски под срцето, а Ленски воопшто не испукува од својот пиштол. Тогаш Онегин се чувствува изиграно, го гризе совеста и иако победник, тој е поразениот.
По таа случка, Онегин му се враќа на стариот живот, веќе никој не знае ни каде е, ни што прави.
Од друга страна, пак, за жал, поетот Владимир Ленски, неговата љубена брзо го заборава и се омажува за друг. Татјана останува сама во селото. Таа тагува, шета по полињата и еднаш влегува во куќата на Онегин, во неговиот кабинет. Гледајќи ги неговите работи, читајќи ги неговите книги, таа за првпат се запознава со него и сфаќа каков бил тој.
Во тој период Татјана ги одбива сите понуди за брак, па затоа мајка и одлучува да заминат во Москва каде сигурно ќе се најде некој за ќерка и. Таму ги дочекуваат многубројните роднини, а сите тетки веднаш се обидуваат да и најдат некое момче. Ја носат по балови и театри и ја запознаваат со многу луѓе.
Патешествијата и желбата за забава и заборав, го доведуваат и Онегин во Москва, на бал, каде го сретнува својот стар пријател, кнезот, кој се оженил со Татјана. Кога се сретнуваат во новата средина, во изменета ситуација, Татјана реагира многу ладнокрвно, достоинствено, учтиво му проговорува и си заминува.
Онегин не може да верува дека оваа рамнодушна московска дама е истата девојка од село. Тој се вознемирува, почнува сонот да не го фаќа, да мисли само на неа. Тогаш му стигнува покана за вечера кај кнезот. Станува нестрплив, едвај чека да оди и да ја види.
Оди на гости растреперен, влегува кај нив, и иако на момент е насамо со Татјана, тој не може ни да прозбори. На вечерата таа е прекрасна, со сите гости се однесува убаво, насмеана, љубезна, вистинска домаќинка. Ваквата Татјана, Онегин не може да ја тргне од умот.
На сето тоа, Татјана не реагира. Од невозвратената љубов, Онегин се разболува, но не сака да оди во странство и да се лекува бидејќи сака да биде во нејзина близина. Немоќен, несреќен, тој решава да и напише писмо. Во него тој ја изразува својата љубов и каење што кога таа сакала, тој не бил подготвен за брак. Сега, тој е подготвен да ја моли, да ја преколнува, да плаче, само таа да му ја возврати љубовта. Но, таа не му одговара. Тој ѝ пишува уште писма, но не добива никаков одговор.
Онегин се повлекува во себе, чита книги, живее во минатото. Пролетта тој малку живнува, почнува да шета, но не издржува и оди кај Татјана. Ја наоѓа дома сама, облеана во солзи читајќи ги неговите писма. Остануваат некое време гледајќи се со љубов, но Татјана прва го прекинува тој момент. Таа многу трезвено му кажува дека секогаш ќе го сака, и дека ѝ е жал што тој не ја прифатил нејзината љубов кога тоа било возможно, но дека сега е доцна и таа нема да го изневери својот маж.